Потпишан меморандум за соработка помеѓу МГИ и адвокатска Канцеларија Ваневски


Во духот на зајакнување на правната култура и охрабрување на креативноста, Асоцијацијата на Македонската индустрија за видео игри (МГИ) стапува во стратешка соработка со адвокатската канцеларија Ваневски, со цел да им обезбеди сеопфатна правна поддршка на своите членки.
Зошто оваа соработка е важна?
Индустријата за развивање на игри расте со брзо темпо, но честопати се соочува со недоволно разбирање на правната рамка, од регистрација на компанија, до заштита на авторски права и регулатива за лични податоци. Токму затоа, преку овој Меморандум за соработка, се воспоставува долгорочен партнерски однос кој ќе придонесе за:
- Правна едукација на членовите преку написи, вебинари и работилници.
- Бесплатна регистрација на Поедноставено Друштво со Ограничена Одговорност (ПДОО) за нови членки.
- Повластени месечни правни консултации и застапување.
- Активно учество во иницијативи за подобрување на регулативата во индустријата.
Што значи ова за заедницата на развивачи на игри?
Ако си дел од заедницата и имаш идеја за игра, ова е совршен момент да ја претвориш во реалност! Новите студија ќе можат да регистрираат фирма со целосна бесплатна поддршка од адвокатска канцеларија Ваневски и добиваат пристап до стручен правен тим и ресурси кои досега беа скапоцени или тешко достапни.
Правна поддршка прилагодена на дигиталната ера
Со фокус на теми како авторски права, GDPR, договори и онлајн трговија, оваа соработка е осмислена за да ги опфати реалните предизвици со кои се соочуваат студијата за видеоигри, стримери, или индивидуални лица кои работат во индустријата за игри.
Со оваа иницијатива, поставуваме нови стандарди во поддршката на младите компании и креатори во индустријата за игри. Заедно градиме посилна, побезбедна и поуспешна заедница!